Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска во Владата го пречека Претседателот на Сојузната Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер.
Во рамки на посетата на Претседателот на Сојузна Република Германија Штајнмајер, се одржа и билатерална средба на двете делегации во Владата на Македонија. На билатералната средба од страна на владината делегација присуствуваа и првиот заменик-претседател на Владата Артан Груби, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за економија, Крешник Бектеши.
На средбата се беше изразено обостраното задоволство од силната поддршка која Македонија ја добива од Сојузна Република Германија за евроатланската интеграција на земјата и одличните билатерални односи помеѓу двете земји кои следната година одбележуваат јубилејни 30 години. Македонија нема друга алтернатива освен европската.
Претседателот Штајнмајер изјави дека Германија сака да ја види Македонија што е можно поскоро во Европската Унија. Детерминираноста за спроведување на реформите е клучна за да се зачува демократијата и европските вредности.
На средбата заеднички беше констатирано дека целата поддршка и напори кои ги вложуваат двете земји, вклучително и претстојните уставни измени се во насока на обезбедување на европска иднина на граѓаните.
Покрај сојузништвото и партнерството во НАТО, ООН и ОБСЕ, Германија оваа година имаше и успешна улога во Берлинскиот процес кој резултираше со три потпишани договори за меѓусебно признавање на академските квалификации/дипломи, професионалните квалификации и патните исправи.
Сојузништвото и сплотеноста се особено видливи во усогласеноста со ЕУ и како НАТО сојузници во поддршката за Украина.
Денешната посета е потврда на пријателството и соработката. Блиските релации на двете земји се потврдуваат и преку економската соработка. Германија е прв и најголем економски партнер на Македонија, која околу 45% од целокупниот извоз го извезува во Германија. Околу 200 компании во Северна Македонија се германски компании меѓу кои и WPD која вложува околу 500 милиони евра во ветерна електро-централа со моќност од 415КВ во Куманово – Крива Паланка, и која претставува сериозен чекор во производството на електрична енергија од обновливи извори, се наведува во соопштението од Владата.