Премиерот Димитар Ковачевски се откажал од користењето на премиерската вила, дознава ТВ21. Ова Владата ја потврдуваат информацијата.
„Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, не ја користи премиерската вила. Со семејството е во истиот дом каде што живееше и до сега. Нема побарано други привилегии“, велат од Владата на РСМ за ТВ21.
Сместена меѓу борова шума, на улицата „Ацо Караманов“ на Водно, се наоѓа вилата наменета за премиерот на Македонија, а нејзин прв сосед е претседателот на државата. Оваа вила е строго чувана, има жична и жива ограда, а полицијата, обезбедувањето и чуварите веднаш реагираат ако некој сака да се доближи или да фотографира и снима.
Нето платата на премиерот изнесува нешто над 78 илјади денари. На оваа сума се пресметува и минат труд, во кој на пример претходниот премиер Зоран Заев земаше дополнителни 8.900 денари.
Инаку по завршување или прекинување на мандатот, на премиерот или претседателот на државата му следуваат шест бодигарди од МВР, возач и службен автомобил.
Поранешниот премиер Зоран Заев рече дека се откажува од апанажа, автомобил и возач, а делумно ќе го користи државното обезбедување.
Претходно во Вилата на Водно, многу краток период живееше поранешниот премиер Зоран Заев. Ниту Никола Груевски, како премиер не живееше во вилата. Во истата вила не престојуваше ниту техничкиот премиер Емил Димитриев, кој остана да живее во Пробиштип. Пред Заев, нејзин последен станар беше Владо Бучковски, кој оттаму си замина во 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт.