Собранието е местото каде треба да се разговара за сите теми. Разговорите со опозицијата и со сите други партии ќе продолжат, но во рамки на парламентарните комииси. Се надевам дека опозицијата ќе ја тргне блокадата во однос на многу важните закони во Собранието и дека ќе имаме успешно справување со кризата. Кризата ги погаѓа сите граѓани и имам апсолутно разбирање за сите. Но, мора да бидеме сложни и заедно да ја истуркаме оваа зима која ќе биде најтешка по втората Светска војна, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Одговорајќи на новинарски прашања по настанот за потпишување договор за спонзорство меѓу М -ТЕЛ и КК Работнички, тој истакна дека претставници на ВМРО-ДПМНЕ одбиле да дојдат на седницата на Економскиот совет од лични причини и тие причини, како што истакна, треба да ги објаснат.

-На Економскиот совет видовте дека присуствуваат сите. Претставници на ВМРО-ДПМНЕ одбија да дојдат на моја покана од свои лични причини и тие треба да ги објаснат. Форумот навистина е респектабилен и затоа ги поканив да дојдат претходен ден на одвоена средба каде ќе можат да претстават што имаат како замисла. Клучно од таа средбата беше дека се најмногу заинтерсирани за јавните комунални претрпијатија. Ние неколку дена пред тоа веќе најавивме дека сите училишта ќе бидат на регулираниот пазар, а болниците на ЕСМ продажба за сигурно снабдување по цена која нема да зависи од берзанските флуктуации, рече Ковачевски.

Тој уште еднаш кажа дека парламентарното мнозинство е стабилно, но и дека веќе не гледа некоја политичка партија да зборува за предвремени избори.