Разговорите на ниво на министерства за надворешни работи очекувам да бидат во духот на европските вредности, со почитување на двете држави и на достоинството на граѓаните и на Република Северна Македонија и на Република Бугарија, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за овонеделната средба на ниво на МНР со Бугарија.
Ковачевски, посочи дека професионалци од МНР-та од двете страни ќе работат на изнаоѓање решенија за отворените политички прашања врз меѓународни стандарди кои потоа ќе бидат споделени и со јавноста.
– Кога ќе имаат резултати во однос на нивните разговори кои ќе бидат на ниво да може да се смета дека се прифатливи, тогаш нормално дека и владите ќе ги разгледуваат, а ќе бидат споделени и со јавноста низ процедура и со институциите задолжени за нивно разгледување и евентуално усвојување, изјави премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на ТИРЗ Штип.
Ковачевски, исто така, рече дека во однос на разговорите со Бугарија отворен е нов процес на разговори, кој се темели на прашања кои се однесуваат на реални теми кои практично ги афектираат сите граѓани и сите општествени процеси во двете држави.
– За таа цел после двете средби кои ги имавме со бугарскиот премиер и заедничката владина седница во Софија, беа договорени работни групи, во областа на економијата, инфраструктурата, образованието и културата, европските интеграции, нормално и Историската комисија продолжи да работи и тогаш рековме дека министерствата за надвореши работи на двете држави ќе работат на изнаоѓање решенија за политичките прашања кои се отворени меѓу двете држави, изјави Коавчевски.