Премиерот Димитар Ковачевски денеска имал телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон на кого му ја честитал изборната победата, а зборувале и за европската интеграција на земјава за што и двајцата заклучиле дека нема време за губење.
„Претседателот на Владата Ковачевски го нагласи интензивниот политички дијалог во последните неколку години и ангажманот на претседателот Макрон и Република Франција во однос на процесот на проширување на ЕУ и интеграцијата на Северна Македонија. Нема време за губење, се согласија премиерот Ковачевски и претседателот Макрон и потенцираа дека натамошното одложување може да има сериозни регионални последици и широко ја отвора вратата за зголемено влијание на трети страни во регионот што прашањето за проширување на ЕУ со Западен Балкан го прави сериозно безбедносно прашање“, соопштија од Владата.
Тие зборувале и за билатералните односи на Северна Македонија и Франција, кои беа воспоставени пред 29 години. Според владиното соопштение, соговорниците споделиле дека традиционалното пријателство помеѓу двете држави се збогатува и со интензивирање на економската соработка која добила ново поглавје откако се во земјава се отвори Француската агенција за развој во Северна Македонија.