Северна Македониај како членка на НАТО целосно ја усогласи својата надворешна политика, ги донесовме сите одлуки усогласени со земјите членки на НАТО и на ЕУ, бидејќи сметаме дека е од особена важност за време на воена криза од вакви размери, сите држави сојузници да делуваат обединето и да ја даваат својата поддршка на Украина.
Ова го потенцираше премиерот Димитар Ковачевски говорејќи за, како што рече, две стратешки теми од државен интерес, на денешната тематска владина седница по повод 100 денаод работата на новиот владин кабинет.
Потсети дека на вонредниот НАТо Самит ја потврдивме нашата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и, нагласи дека „силно ја осудивме руската воена агресија, која, е неиспровоцирана, неоправдана и е сериозно кршење на меѓународното право“.
– Ние сме НАТО и заедно со ЕУ сме обединети во одговорот на воената агресија на Русија и во поддршка за Украина, рече Ковачвески.
Наведе дека војната во Украина покажа оти политиката на отворени врати на НАТО беше историски успех што обезбедува траен мир и безбедност на целиот европски континент.
– Аналогно на тоа сметам дека проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата и затоа на сите форуми и средби со нашите меѓународни сојузници и партнери истакнавме дека е од исклучителна важност за Северна Македонија да започне преговори за пристапување во ЕУ, без натамошни одложувања, рече Ковачевски.
Со нашите партнери во ЕУ, дополни, се усогласивме дека проширувањето со Западен Балкан, како никогаш досега, е геостратешко прашање. Овој став, подвлече, го делат земјите – членки на ЕУ.
Премиерот информира дека се работи и на превод на правото на ЕУ, се прават неопходните усогласувања со националното законодавство и други документи што се од важност за да бидеме, рече, на брза лента, кога ќе започнат преговорите по поглавја и да ги затвориме колку е можно побрзо.
Ковачевски посочи и дека активно се работи и на придонесот кон Годишниот извештај на Европската Комисија, при што сите доставени документи од надлежните институции за точно 39 поглавја, согласно новата методологија на ЕК, се проверени, доработени и компилирани, а по одобрување од Владата ќе бидат доставени до ЕК.
Според Ковачевски, војната во Украина ни овозможила во пракса да видиме колку е важно за нас членството во НАТО.
– Безедноста и сигурноста на државата е загарантирана и стабилна, а нашата Армија ги развива капацитетите. Армијата на РС Македонија постигнува високи резултати, рече меѓу другото Ковачевски.
Додаде дека согласно НАТО стандардите продолжуваат и вложувањата за подобри услови за секој припадник на Армијата, а во изминатите три месеци тековно се реализираат и финализираат поголем број капитални инвестиции во армиски објекти.
Премиерот Ковачевски се осврна на тоа дека е ставен во потполна оперативна готовност систамот за интегрирана противвоздушна и ракетна одбрана на НАТО. Министерката за одбрана Славјанка Петровска, потсети премиерот, застана на чело на координативното тело за учество на Северна Македонија во системот на НАТО за одговор на кризи, чија задача е координација со домашните институции и сојузниците од НАТО за справување со моменталната криза на европско тло, одвраќање и оневозможување на прелевање на конфликтот на територијата на земјите ччленки во НАТО.
Украинската војна, истакна Ковачевски, донесе и отвори доста прашања врзани со надворешната политика, што успешно се изменаџирани во изминатиот период.
Во услови на руска инвазија врз Украина и нарушена европска безбедност, Ковачевски, нагласи дека земјава застанала на вистинската страна на историјата, како и дека од Украина евакуирани се над 90 проценти од над 120 наши граѓани, кои биле мапирани или се јавиле за помош за евакуација, а истовремено брзо и ефикасно била овозможена поддршка на сите украински граѓани кои побарале прибежиште во Северна Македонија.