Процесот на уставни измени е клучен за евроинтегративниот пат на државата и не треба да биде условуван. Амандманите што беа поднесени од страна на Владата беа предмет на работа на работната група составена од експерти по уставно право, бивши уставни судии и претставници од политичките партии, освен претставник на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тие во ништо не учествуваат, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски по најавите на албанскиот опозициски блок дека нема да ги поддржат уставните измени ако не се тргне формулацијата на „20 проценти“.

– Работната група едногласно сметаше дека во моментов во процесот клучна е европската интеграција и исполнувањето на обврската што Северна Македонија ја има согласно Преговарачката рамка, а тоа е внесување на други делови од народи во Преамбулата на Уставот. И како таков предлог беше изработен и доставен до Владата, по што Владата го разгледа и го испрати до Собранието каде што беше усвоен од страна на Уставната комисија и усвоен на дневен ред на пленарна седница на Собранието, рече Ковачевски.

Тој се надева дека постои демократски капацитет во земјава за да се донесат одлуки кои им се потребни на државата за да го продолжи евроинтегративниот пат и да ги отвори кластерите.