„Драго ми е што сме пример и во регионот и во Европа, дека напредокот е можен кога се има фокусирано, храбро и стратешки поставено лидерство“ изјави премиерот Димитар Ковачевски при обраќањето на Самитот на Македонија 2025 – „Просперитетни економии преку дигитализација и стратешко лидерство“.
Тој додаде дека низ посветена работа и преку стратешкото лидерство на кое што беа поставени владините политики изминатите години се остварија перспективи за просперитетна македонска економија.
„Еден од клучните предизвици со кој се зафативме и на кој работиме по 2017 е рестуктурирањето на нашата економија. Во 2018 година беше одобрен планот за економски раст и тогаш за прв пат тогаш почнавме покрај поддршката на странските инвестиции да ги поддржуваме и домашните инвеститори. И ова вроди резултат и покажа дека оваа Влада не е фокусирана само во еден од параметрите во економијата, односно растот на БДП, туку за клучно ја сметавме поддршката наа компаниите, бизнисот, за да може да е бизнисот спремен да одговори на предизвиците и да го донесе толку посакуваниот раст и развој во нашата економија“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека поради тоа и странските директни инвестиции во кризни услови достигнаа историски највисок износ од 753 милиони евра, само во една година.
„Нашите странски директни инвестиции се на највисоко ниво во најкризната година и тие се два пати поголеми во однос на 2016 година. Инвеститорите кои што доаѓаат во земјата остануваат и го прошируваат својот бизнис, го зголемуваат бројот на вработените и создаваат додадена вредност на нашата економија. А доколку ги погледнете анализите тогаш ќе забележите дека и нивото на плати, тука имаме и претставници на советот на странски инвеститори дека и нивото на плати веќе не е на ниво на минимална плата, туку веќе е над просечната плата во најголем дел од фабриките кои работат во слободните економски зони“ рече Ковачевски.