Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Гранада, Шпанија, ќе учествува на третиот состанок на Европската политичка заедница, заедно со лидерите од вкупно 47 земји, од кои 27 земји-членки на Европската Унија, Западен Балкан, Швајцарија, Норвешка и Исланд, како и Азејберџан, Грузија, Турција и Украина.

-Денес сум во Гранада да ја претставам Северна Македонија на овој исклучително важен состанок на Европската политичка заедница. После долго време на агендата на ЕУ е проширувањето, а Северна Македонија има одлична позиција да ја искористи оваа неповторлива шанса која е пред нас. За Европската Унија проширувањето е од стратешки интерес и веќе е отворен процес за нејзино прилагодување со нови земји членки, пред сѐ со Северна Македонија и земјите од Западен Балкан.

Годинава, на Самитот заедно со лидерите на Шведска, Франција, Обединетото Кралство, Италија, Хрватска, Лихтенштајн, Бугарија и Албанија, како и Европската комисија и Европскиот парламент, ќе учествувам во дискусијата за дигитална транзиција и вештачка интелигенција, две исклучително важни теми за Европа.