Фабриката „Подгорка“ е пример како граѓаните со својот труд може да придонесат за изградба на нешто на што државата ќе биде горда, заклучи премиерот Димитар Ковачевки по денешната посета на оваа струшка компанија.

Според него, фабриката, чија главна дејност е производство на месни производи, е направена со врвен квалитет по сите стандарди, што, нагласи, е резултат на знаењето на нашите граѓани, кои работат во државата, со поддршка од Владата и Европските фондови.

– „Подгорка“ е компанија, која во услови на тригодишна криза успешно се развива, расте и инвестира.  Тоа е затоа што има добро менаџирање, но и визија и развој. Со поддршка и услови за работа обезбедени од државата, нема да има за нив недостижни цели, изјави Ковачевски по посетата на фабриката.

Основна дејност на команијата е производство во месната индустрија, но, како што нагласи премиерот, во време на една од најтешките енергетски кризи успеала да ги намали производствените трошоци благодарение токму на визијата на сопствениците  за инсталирање фотонапонска централа со која што задоволуваат 60 проценти од потребите за електрична енергија на фабриката.

– Имаат план во најскоро време да направат една посериозна инвестиција, односно уште една фотоволтаична централа со капацитет од околу 1,5 мегавати, чиста електрична енергија од сонцето што дополнително ќе ги намали не само нивните производствени трошоци, туку и ќе ја зголеми електричната енергија која што ќе може да се користи и од други корисници во овој регион, рече Ковачевски.

Оваа фабрика, појасни е изградена со средства од европски фондови. Компанијата почнала да работи со десет вработени, а денеска достигнува бројка од 60 вработени.

– Денес работат на домашниот пазар, меѓутоа веќе ги отвораат пазарите во регионот и јас сум сигурен дека во блиска иднина ќе започнат да извезуваат и во добар дел од европските држави, заклучи премиерот.

Потсети на владината поддршка за компаниите и антикризните мерки за помош на граѓаните.

– Токму на тој начин успеавме во текот на оваа година, да обезбедиме пакет од 760 милиони евра поддршка за најранливите категории на граѓани, но и поддршка за компаниите во државата за да ја обезбедиме нивната ликвидност.  Субвенционираме 80 проценти од цената на електричната енергија за граѓаните и за малите компании кои вработуваат 98 проценти од работниците во дражвата, што значи дека доколку не е таа субвенција сметките за електрична енергија би биле поголеми за пет пати за тоа што граѓаните го плаќаат, изјави Ковачевски.

Сопственикот на „Подгорка“ Мевмед Џемаилоски изрази благодарност за владината поддршка за субвенционирање на електричната енергија што е сериозен проблем во делот на функционирањето на голем дел на произведители на прехрамбени производи.

– Ги охрабрувам претседателот на Владата и министрите да носат вакви похрабри одлуки и во иднина да бидат поприсутни на терен. Поприсутни во стопанските објекти кои се основа за функционирање на целата држава бидејќи тие го полнат буџетот. Ако работиме во тој правец мислам дека нашата држава може успешно да се справи со сите предизвици коишто не се по наша вина, но објективно ги чувствуваме многу, истакна Џемаилоски.