„ЕУ мора сериозно да ги сфати и разгледа опструкциите од опозицијата во Северна Македонија и обидите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица по секоја цена да го загрозат европскиот пат на земјата. Блокадите на Собранието и на демократските процеси за напредок кон ЕУ се блокада на европските вредности“ изјави премиерот Димитар Ковачевски на Лидерскиот самит на Западен Балкан на Европските социјалисти и демократи во Виена.

Тој порача дека и Европската народна партија не смее да биде само нем набљудувач на овие сценарија, бидејќи ваквите опструкции и блокади не се само за Владата туку за европските вредности.

Премиерот исто така побара од ЕУ да не дозволува нови блокади и уцени од никого и Северна Македонија да биде оценувата според напредокот и придонесот што го дава, да се зборува за критериумите и нивното исполнување, бидејќи ако ЕУ го загуби кредибилитетот во Северна Македонија ризикува да го загуби и целиот регион.

„Да направиме заеднчки напори за да не дозволиме трети страни да го искористат тоа и да ги загрозат европските вредности и европската кредибилност. ЕУ мора да биде јасна и гласна до сите страни кои се обидуваат да го нарушат или блокираат европскиот пат на земјава“ рече Ковачевски.