Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор,
почитувани професори, научници, лингвисти, книжевници, заштитници и еманципатори на употребата на нашиот вековит македонски јазик, симбол, чувар и потврда на нашиот македонски идентитет, на нашата татковина!
Почитувани присутни на денешниот панел „Македонскиот јазик во cловенскиот свет“,
почитувани претставници на медиумите,
Честит и вечен нека е 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и Денот на словенската писменост!
Светите Кирил и Методиј се значајни за писменоста на сите словенски народи, како создатели на првото словенско писмо – глаголицата, од која потекнува и македонската писменост.
Нив ги слави и им оддава почит и целиот културен свет во денешна Европа, поради нивниот космополитски дух, со кој се поставиле како мост меѓу Источната и Западната европска цивилизација.
Но, тоа што нас нè собира секој 24 мај и поради што сме денес, овде – се почетоците на македонската писменост, поврзана со дејноста на Охридската книжевна школа, првиот словенски универзитет во тоа време, основан токму овде, во Охрид. И со делото на нејзиниот основач, ученикот на Браќата Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, кој добил бројни наследници со значаен придонес за развојот на македонската писменост.
Од најраниот период на македонската писменост, кој науката го бележи во 9-от век, преку периодот од 16-от до 20-от век кој важи за претстандарден период на македонскиот писмен јазик, преку периодот меѓу двете светски војни кога на македонски јазик пишуваат Кочо Рацин, Коле Неделковски, а се изведуваат и повеќе драмски текстови на македонски јазик, па се до денес кога веќе имаме стандардизиран и меѓународно признат и препознат македонски јазик, факт е дека Македонците, како одделен народ, со свои обичаи, културни традиции, живеат на своја, македонска земја и говорат на свој, македонски јазик.
Фактите за длабоките корени на македонскиот јазик говорат и преку првата печатена македонска граматика на Ѓоргија Пулевски, но и преку македонските интелектуалци, како браќата Миладоновци, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, кои создаваат писмен јазик, претходник на идниот кодифициран македонски јазик. Говорат и преку Крсте Петков Мисирков кој ја прави првата стандардизација на македонскиот писмен јазик.
2 август 1944 година, Првото заседание на АСНОМ, останува врежан во македонската историја меѓу другото и како денот кога македонскиот јазик официјално е прогласен за службен јазик во нашата македонска држава, по што, следната година се усвоени и македонската азбука и македонскиот правопис.
Сето ова, покажува дека македонскиот јазик е вистински и реален, со своја длабока историја и своја автентичност!
Тоа што е и денес!
И тоа што ќе биде за навек!
„Јазикот е нашата најкомплетна татковина“! Ќе рече нашиот џин Блаже Конески, а сите нам ќе ни остави аманет.
Македонскиот јазик опстојал низ вековите благодарение на тоа што луѓето зборувале, раскажувале, прераскажувале и твореле, созадавале дела на македонски јазик.
Преку македонскиот јазик, опстојуваме и ние Македонците.
И сè додека има луѓе кои го употребуваат македонскиот јазик, тој ќе постои, а ќе постои и нашата единствена татковина, Република Северна Македонија.
И затоа, како одговорна Влада кон ова свое богато културно и историско минато и кон својот народ, донесовме тешки, државнички храбри одлуки, со кои најнапред ги осигуривме територијалните граници преку членството во НАТО, а потоа ги зацврстивме и заштитивме нашиот јазик и нашиот идентитет преку почетокот на преговорите со Европската Унија, минатата година.
Макотрпен е патот на нашиот народ, поплочен со многу болка, жртви, дадени животи, на знајни и незнајни борци и творци, за ние денес да имаме своја, македонска држава – и како македонски народ, да зборуваме на својот македонски јазик и да сме признаени во целиот свет.
И ете ова ние го постигнавме! И веќе е јасно за сите.
Вистината за признанието на македонскиот јазик, потоа во Обединените нации – и во Европската Унија, дојде со Договорот за ФРОНТЕКС, првиот ваков договор помеѓу Европската Комисија и Република Северна Македонија, на македонски јазик, без какви и да било ѕвездички или фусноти во тој договор.
За вистината зборуваат фактите дека македонскиот јазик денес е на рамноправно рамниште со сите други јазици што се зборуваат во Европската Унија.
Европското законодавство се преведува и на нашиот мајчин, македонски јазик.
Како Влада, можеби како ниту една друга влада досега во независна Македонија, ѝ подадовме рака на домашната јазична, книжевна, научна мисла и заедно одговоривме на аманетот на Конески, македонскиот јазик да го сочуваме, обезбедувајки го неговиот континуитет.
Значаен придонес во неговата еманципација и унапредување е новиот предлог Закон за употребата на македонскиот јазик, чиј текст Владата веќе го утврди.
Ги зедовме предвид укажувањата на јазичната наука дека е потребно значително зајакнување на законските мерки за грижата и употребата на македонскиот јазик и со овој предлог закон предвидовме проширување на областите каде задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.
Цврсто сме определени да осигуриме ефективна заштита, негување, промоција и афирмација на македонскиот стандарден јазик.
Воедно со предлог измените на Законот за државните награди, воведуваме нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјава и во странство, која ќе го носи името на основачот на современата македонска наука за јазикот, Блаже Конески.
Во мандатот на Владата што ја предводам, го започнавме и проектот за реконструкција и ревитализација на старото училиште „Димитар Влахов” во село Љубојно, односно негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.
И покрај тоа што функционираме во време на глобална, светска, економска и енергетска криза, ја поддржавме со буџетски средства и дигитализацијата на сите картотеки во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, со цел да се постигне трајна заштита на околу 5 милиони вредни записи на постари, но и стари, македонски текстови, на дијалектни записи, а некои од нив се дури од 14-от век.
Во времето на нашиот 5-годишeн мандат, веќе знаете дека на интернет платформа е поставен дигитализираниот „Толковен речник на македонскиот јазик“.
Дигитализиран е и Правописот на македонски јазик.
По повеќе од 24 години, овозможивме вработување на 17 млади лица, магистри, докторанти и доктори на науки по македонистика, на Инстиутот за македонски јазик.
Воведовме и Ден на македонскиот јазик, 5 Мај, во чест на 5 мај 1945 година, кога тогашната Влада го официјализира современото македонско писмо, односно ја озваничи современата азбука на македонскиот јазик.
Можам и натаму да набројувам.
Но, ете вака ние се грижиме за нашата македонска писменост и за нашиот македонски јазик, преку дела.
Овде лично сакам да ви порачам, дека јас како премиер и ние како Влада сме отворени за принципиелна и конструктивна соработка со секој од Вас овде и со инситутциите, факултетите, институтите, универзитетите од каде што доаѓате.
Затоа што, сакам да знаете дека кога станува збор за нашите идентитски определби, чувствителноста ни е иста. Како што се, верувам, исти и нашите определби – да напредуваме како Македонци кои говорат, пишуваат и творат на македонски јазик, во европското семејство на народите и државите, каде што и припаѓаме.
Натаму одиме, натаму сме тргнати, патот е зацртан одамна, уште од Светите Кирил и Методиј кои важат за темелници на европскиот интеркултурализам, тоа што ние веќе го практикуваме. А тоа што треба да го направиме – е – да продолжиме напред!
Пред вас, пред нас, шансите се реални повеќе од кога и да било, македонските научници, лингвисти, книжевници, уметници да работат и да создаваат меѓу европските колеги, во широкото европско поле на нови можности, коишто отвораат нови и значајни перспективи за денешните и за идните генерации.
И јас доаѓам од науката, иако од друга научна област, но знам колку е важен просторот за дејствување, каде што се реализираме, се остваруваме но и се надминуваме себеси, преку интеракција, искуства и можностите за соработка.
Верувам во вашата поддршка на овој пат, што е многу значајна за просперитетот и на граѓаните и на државата.