Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека околу уставните измени очекува да има плодна дискусија, конструктивна расправа и оти ќе има натпартиски консензус за продолжување на европската интеграција на државата.
-Владата вчера информираше преку соопштение и преку објавување на интегралниот текст на предлог иницијатива за уставни амандмани дека одлуката едногласно е донесена и доставена вчера до Собранието. Собранието согласно своите процедури ќе ја организира прво работата на Уставната комисија, потоа и на пленарна седница. Бидејќи евроамбасадорот е тука, многу јасно кажува дека сега од нас зависи, од одлуките коишто ние ги носиме, како и на кој начин и колку брзо ќе го продолжиме и завршиме патот на европската интеграција, рече Ковачевски, кој заедно со амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската унија, Благој Бочварски, министер за транспорт и врски и Ејуп Рустеми, директор на јавното претпријатие „Државни патишта“ беа на теренска посета на делницата Градско – Дреново на кракот Xd на паневропскиот Коридор X.
Премиерот смета дека се работи за уставни измени кои што, како што рече, не задираат во ниту едно идентитетско прашање.
-Вчера беа објавени, немаше ниту негативен коментар ниту во медиумите, ниту каде било. Ние сме мултиетничко мултипрофесионално општество кое што е пример за Европа во мало. И сметам дека нашите 120 пратеници на број во Собранието ќе имаат и визија, ќе имаат и доблест и храброст да донесат одлука која што ќе значи европска интеграција на државата и пред се обезбедување на подобра европска иднина за сегашните и за идните генерации, рече Ковачевски.
Владата вчера попладне го доставила Предлогот за уставни измени до Собранието веднаш по завршувањето на 171. седница на која премиерот и министрите го усвоија Предлогот.
-На 171-та седница на Владата, одржана на 18.7.2023 година, точка 48, разгледана е Информација со Предлог за уставни измени, утврден е Предлогот и доставен е до Собранието веднаш по завршувањето на седницата, информираат од Владата за МИА.