„Стапката на невработеност се очекува дополнително да се намалува. Во моментов е на историско најниско ниво од 15,2 проценти“, изјави премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски на обраќањето на меѓународната конференција „Економски финансиски форум“.
„Создаваме основа за забрзување на економскиот раст. Во втората половина од годинава предвидуваме стабилизирање на цените. Прогнозите се дека економскиот раст на среден рок кај нас е забрзан“, изјави Ковачевски.
Како што најави премиерот, се очекува и раст на нето платата.
„Го обезбедуваме растот на просечната нето плата, која според статистиката достигна 500 евра“, вели Ковачевски.
Премиерот Ковачевски подвлече дека Владата на среден рок останува посветена на структурните реформи, забрзан економски раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Несомнено е дека економските последици од војната во Украина влијаат на проекциите и на истите е извршена надолна ревизија, следејќи го трендот на ревизија на проекциите на глобално ниво. При тоа, Планот за забрзан економски раст, воспоставен минатата година усвоен од Владата, е добар патоказ за постигнување на нашите среднорочни цели, и истиот е позитивно оценет и од Групацијата на Светска Банка.