Разговорите со Бугарија се водат во духот на европските вредности и задржување на дигнитетот на граѓаните во двете држави“, рече претседателот на Владата, Димитар Ковачевски при денешниот увид во работата на делницата Крупиште – Кочани, од новиот експресен пат кој ќе ги поврзува Штип и Кочани.
Прашан околу вчерашната изјава на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, во која бара гаранции од бугарска страна по однос на преговорите помеѓу двете земји, Ковачевски вели дека во Собранието на Северна Македонија веќе е усвоена Резолуција во која се поставени македонските позиции.
Околу можна лидерска средба со опозицијата, Ковачевски вели оти нема да прифати средба на која единствено ќе се разговара за предвремени парламентарни избори.
„Доколку зборувате за барања за средби со единствена тема на разговор – предвремени парламентарни избори, таква средба нема да има, бидејќи јас не сум човек кој потпаѓа на уцени“, рече Ковачевски и додаде дека сите политички чинители во овој период на криза треба да се насочат со заеднички сили да се најде решение за енергетската и здравствената криза и како да се излезе од ценовната инфлација која го погоди целиот свет.
Ковачевски е дециден дека Владата во моментов е насочена кон справување со предизвиците наметнати од енергетската и економската криза, а избори вели ќе има во 2024 година.