Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Гранада, Шпанија, ќе учествува на третиот состанок на Европската политичка заедница, заедно со лидерите од вкупно 47 земји, од кои 27 земји-членки на Европската Унија, Западен Балкан, Швајцарија, Норвешка и Исланд, како и Азејберџан, Грузија, Турција и Украина.

На состанокот, како што јавува известувачот на МИА, најавено е учество и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и на Европскиот парламент, Роберта Мецола, кои надоврзувајќи се на дискусиите од претходните средби ќе разговараат како Европа да се направи поотпорна, попросперитетна и геостратешка.

Состанокот на Европската политичка заедница, како и утрешниот неформален Самит на ЕУ во Гранада, се одржуваат во клучен момент за иднината на Европа од геополитичка гледна точка и ќе се фокусираат на стратешки прашања, пред се на идните предизвици за регионот.

Фокусот ќе биде ставен на актуелните конфликти што го засегаат континентот, а се очекува присуството на повеќето европски лидери да се искористи за повторно манифестирање на нивното единство во однос на руската агресија врз Украина.

За Шпанското претседателство со Советот на ЕУ, состанокот се одржува во клучен момент, поради промените и трансформациите во светот, што ја прави Гранада место каде може да се донесат фундаметалните одлуки за иднината на целата Еврпа, не само за Европската Унија.