Почнаа активностите на Самитот за трансформација на образованието во рамките на 77. Генерално собрание на Организацијата на ОН во Њујорк. На отворањето на Самитот присуствуваа претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, министрите за надворешни работи и за образование и наука, Бујар Османи и Јетон Шаќири, амбасадорот на постојаната мисија на Република Северна Македонија во ОН во Њујорк, Љубомир Фрчковски, шефот на кабинетот на претседателот на Владата, Мартин Попов и советникот за надворешни работи, Едмонд Адеми.

Како што информира владината прес-служба, настанот почна со воведно обраќање на Генералниот секретар на Организацијата на Обединети Нации, Антонио Гутереш, а продолжува во текот на денот со дебата во чиј фокус се националните цели за обезбедување на квалитетно и достапно образование за секое дете.

Во рамките на овој Самит е предвидено обраќање на премиерот Ковачевски кое според агендата е околу 16:00 часот по локално време.

На Самитот за трансформација на образованието учествуваат над 90 лидери на шефови на држави и влади, кои ќе дебатираат за најдобрите начини на унапредување на образовните системи во земјите.