Свесен сум, рече премиерот Ковачевски, дека мора да постои и јасна визија и за Украина и за Грузија и Молдавија, затоа што тие земји и нивните граѓани сакаат да имаат демократско општество и да ја избираат својата иднина како економско просперитетни држави. – Ова мора да биде подржано од сите, а ние покажавме како држава и како регион дека ги поддржуваме Украина и нејзиниот народ, истакна Ковачевски.
На прашање од присутните за тоа што се работи за двонасочен однос на ЕУ и земјите кандидати за членство, што ЕУ направи погрешно и дали е време да се смени овој колективен пристап и да се започне со приспособен пристап кон сите земји поединечно, премиерот Ковачевски оцени дека кога за еден процес е потребно предолго време тогаш довербата во тој процес и кредибилитетот опаѓаат, исто како што опаѓа и важноста на играчите што се вклучени во тој процес.
– Проблемот лежи во самиот пристап, дали сакате да донесете брза и храбра одлука и да завршите одреден процес или пак само сакате да работите околу процесот, но без некаква цел да го завршите. Што се случи, процесот заснован на заслуги, секако зборувам за нашата држава, во кој сите ресурси се насочени кон самиот процес, стана типично политички процес. Од друга страна нема алтернатива, затоа што ако ги видите економиите на Западен Балкан попатно една работа беше постигната за Балканскиот полуостров, бевме Балкански Полуостров, а сега зборувам за Западен Балкан. Ова е едно од непозитивните постигнувања во текот на овие години. Имаме економии што 80 проценти работат со размена од земјите членки на ЕУ. Голем дел од странските директни инвестиции во земјите доаѓаат од ЕУ, голем дел од граѓаните од Западен Балкан одат надвор и живеат во држави од ЕУ, тоа значи дека нема други алтернативи. Зборуваме за европски вредности и за основните европски слободи, слободна трговија на стоки, услуги, капитал и движење на луѓето, истакна Ковачевски.
Тој додаде дека иницијативата „Отворен Балкан“ е практична имплементација и платформа за тоа како да се имплементираат четирите слободи.
Прашан дали ЕУ добро соработува со САД и дали ова партнерство е функционално или само создава проблеми, премиерот Ковачевски одговори дека Северна Македонија иако не е членка на ЕУ, целосно ја усогласи својата со надворешната политика на ЕУ, затоа што одлуката е дали сте на вистинската страна на историјата, на страната на демократијата во војна со автократијата.
– САД е стратешки партнер на регионот и на Северна Македонија и тоа е така веќе 30 година во текот на нашата независност, на секое поле на развој на земјата, рече Ковачевски, потсетувајќи дека државите од поранешна Југославија се земји кои претпрпеа дисконтинуитет поради промената на политичкиот и економскиот систем. – Во овој процес на повторна изградба и стекнување доверба во регионот, САД одиграа навистина многу важна улога, рече Ковачевски, чиј одговор од страна на модераторот на панелот беше оценет како „многу дипломатски“.
Премиерот Ковачевски информира дека неделава делегација од Северна Македонија на ниво на министри од надворешни работи, одбрана, култура и економија е во САД и има конкретни активности.