Премиерот Димитар Ковачевски не ги коментира најавите за можно излегување од Владата на помалите партии ДОМ и „Достоинство“, но уверува дека Владата е стабилна. На средбата со новинарите, Ковачевски истакна дека на барање на лидерот на партијата „Достоинство“ Стојанчо Ангелов, треба да седнат и да поразговараат.

„Владата е стабилна, внатрешно-партиските работи нема да ги коментирам. Нормално е коалиционите партнери да имаат различни мислења. Во врска со барањето на Стојанче Ангелов треба да седнеме и дополнително да поразговараме”, рече Ковачевски.

Ковачевски додаде дека во земјата нема да има предвремени, туку редовни избори. Според него, претседателските избори ќе се одржат во втората половина на март следната година, а парламентарните во втората половина на јуни. И од Алијанса за Албанците, проценуваат дека мнозинството во Собранието е стабилно. Елми Азири смета дека на земјата не й се потребни сензации, туку политичка зрелост.

“Особено кога многу важен процес ја чека земјата, процес кој е поврзан со европскиот пат на земјата, процесот на уставни измени. Ние како политички субјект и како влада сме фокусирани на тој пат, бидејќи ако се впуштиме во такви авантури за предвремени избори, во моментот кога ќе дојде самитот на ЕУ, ќе ја најде земјата без стабилни институции, ќе ја најде земјата во една кампања, и тоа ќе ја стави земјата во неизвесна зона, односно постои ризик следната деценија земјата да остане надвор од европската интеграција”, рече Азири.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека предвремените парламентарни избори претставуваат спас за земјата и ги охрабруваат малите партии да ги остварат најавите и да ја напуштат Владата.

Откако пратеникот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, неодамна се повлече од парламентарното мнозинство, и од ДОМ најавуваат напуштање на мнозинството, ако не се усвојат измените во Изборниот законик за една изборна единица, а претседателот на „Достоинство“, Стојанчо Ангелов, бара надомест за оштета на семејствата на бранителите.