Денеска во Собранието ќе се одржи лидерска средба која ја свика премиерот Димитар Ковачевски. Како што беше најавено од Владата, на лидерската средба претседателите на парламентарните партии ќе разговараат за одлуките кои треба да се носат со широк консензус, односно за внесувањето на Бугарите и другите народи во Преамбулата на Уставот за да продолжи европскиот пат на земјава.

„Лидерската средба ја свикав со цел заедно со сите политички партии кои се застапени во Парламентот да разговараме за европската иднина на државата и за сите одлуки коишто треба да ги носиме во еден широк, општествен и политички консензус“, изјави премиерот Ковачевски.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски изјави дека ќе присуствува на средбата, иако претходно посочи дека на неа треба да се разговара за реални прашања како економијата, сиромаштијата и енергетската криза, а не за уставните промени. Тој додаде дека е подготвен на средбата да ги брани ставовите на партијата.