Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска оствари средба со претседателот на Република Италија Сеџо Матарела.
За време на средбата, како што информира прес-службата на Владата, Ковачевски бил придружуван од заменичката на претседателот на Владата задолжена за добро владеење, Славица Грковска и од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
На состанокот се потврдени искреното пријателство и добрите релации помеѓу двете земји, со активен дијалог во билатералните односи, како и од значење за демократскиот развој на нашата држава. Истакната е јасната позиција на Италијанската Република дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан мора да продолжи, што се покажува неопходно и во рамки на глобалните, актуелни случувања, се вели во соопштението.
За време на средбата била нагласена и улогата на државата во регионот, како зема којашто ги решава предизвиците низ храбро лидерство, трпение и мудрости и е најавена голема поддршка од Италија и во натамошниот процес на европските интеграции на Северна Македонија, со цел забрзана динамика до полноправно членство во ЕУ.
-Премиерот Ковачевски се заблагодари за големата поддршка што ја дава Италија на Северна Македонија во трите децении од воспоставените дипломатски односи, во евроатлантските интеграции и посебно во рамки на процесот со којшто, по 17 години, конечно започнаа преговорите со ЕУ, информираат од прес-службата на Владата.
Претседателот на Владата истакнал дека државата се поставила стопроцентно и навремено на линија на политиките на ЕУ, во однос на војната во Украина, дека применува европски вредности и дека заслужува да биде дел од Европската Унија.
На состанокот, како што информираат од Владата е разговарано и за други актуелни прашања, посебно околу справувањето со предизвиците за обезбедување енергија, со коишто се соочуваат Европа и светот. Во таа насока е изразена заедничка согласност дека е неопходно ЕУ тесно да соработува и со државите од Западен Балкан, коишто треба да бидат земени предвид при можните решенија.
Премиер Ковачевски, на средбата, ја нагласил и важноста на соработката на Северна Македонија и Италија во областа на културата, одбраната – како две држави членки на НАТО, трговијата и инвестициите, а заедно со вицепремиерката Грковска и министерот Спасовски, била оценета како значајна соработката во областа на борбата против корупцијата, превенцијата и владеењето на правото. При тоа е изразен интерес за нов импулс во економската соработка, посебно во делот на обновливите извори на енергија.