„Врвен приоритет е изградбата на Коридорот 8, кој неоправдано доцни со децении. Поврзувањето исток-запад, со Албанија и Бугарија претставува стратегиска обврска и фокус на Владата до 2024 година“ кажа мандатарот на новата влада, Димитар Ковачевски во неговото обраќање пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.
Тој додаде дека ќе се продолжи со изградбата на автопатот Кичево – Охрид, како и Скопје – Блаце, а најави и отпочнување на нови автопатски делници.
„Во план е отпочнување на целосна надградба на автопатот Тетово – Гостивар, како и уште четири автопатски делници. Планирана е тековна реконструкција и изградба на локални патишта во должина од преку 1000 километри во 36 општини“ кажа Ковачевски.
Во обраќањето пред пратениците, мандатарот Ковачевски потенцираше дека следните 2 и пол години се период во кој државата ќе се посвети на економијата, на платите и пензиите, на поддршка на компаниите, на енергетскиот развој и на зголемување на вработеност, со цел да се задржат младите да останат во државата.