Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски одговарајќи на прашање околу спорот со Бугарија порача дека историјата не може да биде единствена тема на разговор меѓу две соседни држави.
– Со Бугарија треба да разговараме и за иднината, иднина преточена во инвестициски проекти, во инфраструктурни проекти, во економска и културна соработка. Тоа ќе ги зближи граѓаните а ќе донесе и економски придобивки за граѓаните, преку зголемената економска соработка. Така што нормално е да разговараме на тие теми, нормално е да имаме стручни работни групи по тие теми, посочи Ковачевски вечерва во интервју за телевизија Сител.
Тој се осврна и на најавената временска рамка од страна на Бугарија, истакнувајќи дека решението треба да се бара преку европските вредности.
– Разговорите треба да се водат во духот на европските вредности. Ние како држава имаме свои позиции изградени во Собранието, Бугарија исто така има изградено свои позиции и во рамките на европските вредности, почитувајќи го достоинството на двете држави сметам дека може да се најде решение и да ја почнеме првата меѓувладина конференција, порача Ковачевски, додавајќи дека го очекува премиерот на Бугарија, Кирил Петков во Скопје за да разговараат околу изнаоѓање начин за решавање на проблемот.
Од новото раководство на партијата очекува ефикасност, одговорност и чесност во работењето.
– Тимот е избран врз основа на основите за кои се залагав во програмата и во самото презентирање на мојата кампања, а тоа е дека ќе бидат стручни и ефикасни во извршувањето на своите одговорности. Тоа го побарав од сите пред да бидат практично номинирани. Очекувам со својата одговорност и чесност дека ќе дадат пример во работењето на партијата, но и во институциите во кои ќе бидат. Да бидат првите кои што ќе покажат чесност во работењето, а не само да се зборува за реформи, за спроведувањето на правдата и правото во државата, рече Ковачевски.
Осврнувајќи се на структурата на Извршниот одбор на СДСМ, оцени дека тоа е тимот кој ќе донесе нови успеси на СДСМ и посветено ќе работи за интересите на граѓаните.
– Во структурата на Извршниот одбор се вклучени кадри, лица од сите делови на државата. Педесет отсто се застапени жените што значи дека имаме родово балансиран извршен одбор. И се застапени младите со 33 проценти. Значи имаме еден спој на искуство, на знаење, на стручност од различни профили на професионалци, и докажани партиски другари и на млади луѓе кои што ќе дадат дополнителна енергија, порача Ковачевски, додавајќи дека очекува поддршка во работата од сите претходни раководства на партијата.
Ковачевски утре треба да го добие мандатот од претседателот Стево Пендаровски за состав на нова Влада.