Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, денеска се сретна со шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Дејвид Гир, при што на состанокот е поздравено лидерството на Владата и брзата реакција за ситуацијата во Украина, соопштија од владината прес служба.
-Премиерот Ковачевски ја потврди позицијата на Република Северна Македонија во согласност со позициите на нашите стратешки партнери ЕУ, НАТО и САД, за најостра осуда на руската инвазија на Украина и поддршка и придружување на санкциите кон Руската Федерација. На средбата е заеднички истакната важноста на европските перспективи на Република Северна Македонија, што ќе значи охрабрување за европерспективите и на сите други држави од Западен Балкан, се наведува во соопштението.
Претседателот на Владата, Ковачевски, се додава, рече дека, на домашен план Владата е фокусирана кон поддршка на животниот стандард на граѓаните и на компаниите и во насока на надминување на предизвиците од енергетската ситуација. Во врска со односите со Бугарија, премиерот Ковачевски истакна дека разговорите на премиерско ниво и меѓу членовите на работните групи се поставени на достоинствено ниво, со цел постигнување логички решенија врз база меѓусебно почитување и разбирање.
На состанокот е разговарано и за значењето на имплементацијата на европските проекти финансирани со европски пари, за што е констатирано дека е потребно одговорно однесување на локално ниво и од надлежните органи и институции, стои во соопштението.