Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на работната посета на Рим, Италија оствари средба со премиерката на Данска Мете Фредриксен, која воедно е и претседателка на Социјалдемократската партија на Данска. На средбата, на која присуствуваа и Бојан Маричиќ, секретар за меѓународна соработка и прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија како и Бисера Костадиновска – Стојчевска, потпретседателка на СДСМ и министерка за култура се дискутираше за повеќе актуелни прашања важни за Северна Македонија, регионот и Европа.

Ковачевски и Фредриксен ја потенцираа важноста на претстојниот период имајќи ги предвид изборните процеси кои се очекуваат годинава и во Северна Македонија и во Европската Унија, посочувајќи ја воедно и потребата и важноста на продолжувањето на социјалдемократските политики кои придонесуваат во економскиот и социјален развој на континентот.

Ковачевски на средбата истакна дека Европската Унија е единствената алтернатива за Северна Македонија, бидејќи тоа значи поголем економски раст, подобри услови за инвестирање со што ќе се обезбедат подобри и подобро платени работни места, повисоки плати, и подобар животен стандард на граѓаните, социјална правда, развој на демократијата и функционално владеење на правото. Ковачевски потенцираше дека мнозинската волја на граѓаните на Северна Македонија е членство во Европската Унија и дека СДСМ како државотворна и прогресивна партија изминатите 7 години спроведува проевропски политики кои меѓу друготго обезбедија членство во НАТО и почеток на преговори со Европската Унија по 17 години чекање. Ковачевски на средбата потенцираше дека за претстојните избори СДСМ подготвува прогресивна програма согласно европските политики, која ќе обезбеди и продолжување на досегашните прогресивните политики но и ќе ги обезбеди европските вредности дома.

На средбата, Фредриксен потенцираше дека е исклучително важно Северна Македонија да остане и понатаму посветена на реформските процеси кои ќе обезбедат подобрени демократски показатели во сите полиња, а кои воедно ќе обезбедат што побрзо приближување на земјата до европските стандарди. Фредриксен, како претседателка на Социјалдемократската партија на Данска, која е сестринска партија на Социјаледмократскиот сојуз на Македонија, ја изрази својата поддршка за СДСМ на претстојните избори потенцирајќи дека социјалдемократски политики се оние кои прават суштинска разлика и придонесуваат кон подобрување на животот на граѓаните.

Воедно, претседателот Ковачевски на средбата со данската премиерка посочи дека Северна Македонија од првиот ден од почетокот на неоправданата и неиспровоцирана руска воена агресија врз Украина, дава целосна и недвосмислена поддршка за Украина и украинскиот народ и дека во неговиот прв мандат како премиер земјата целосно се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.