„Отворен Балкан“ не е замена за европската интеграција, порачаа премиерите на Северна Македонија и на Србија, Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ кои се надеваат дека и останатите држави од регионот ќе ги препознаат бенефитите на оваа иницијатива и наскоро ќе се приклучат кон неа.
За премиерот Димитар Ковачевски, иницијативата „Отворен Балкан“ е исклучително позитивен чекор за зголемување на перфомансите на економиите во регионот и за нивна поголема конкурентност, а разговорите за теми од минатото не носат бенефит за никого.
– Нашата европска интеграција, зборувам за Северна Македонија и за Албанија, е заложник на Бугарија. Таа наша европска интеграција е сведена на зборување за историја, што практично сите земји од Европската Унија гледам дека го оправдуваат. Според мене, тоа е погрешно, бидејќи кога се зборува за историја, не се ветува ништо, туку само се зборува за нешто што се случило пред 100-150 години. Тоа е класична уцена и не може да произведе никаков бенефит за никого. Затоа сметам дека зборувањето за теми коишто ја засегаат иднината на државата се многу значајни и на таква основа треба да се водат сите разговори, рече Ковачевски на самитот „Македонија 2025“.
Покрај поедноставените царински постапки со кои е олеснет транспортот на храна, на претстојниот самит на иницијативата „Отворен Балкан“, што на 7 и 8 јуни треба да се одржи во Охрид, ќе се разговара за имплементацијата на единствен ИД број со кој граѓаните од Северна Македонија, Србија и Албанија ќе можат без вадење на работни дозволи, да ја продолжат кариерата во некоја од овие три држави. Трите држави – иницијатори на „Отворен Балкан“ најавуваат соработка и во областа на образованието и културата.
– Искрено и длабоко верувам во иницијативата „Отворен Балкан“ и се надевам дека и останатите регионални партнери ќе ја препознаат оваа иницијатива. Следната голема работа што ќе ја имплементираме веднаш по следниот состанок на иницијативата „Отворен Балкан“ којшто ќе се одржи во Охрид на 7 и 8 јуни, а на кој ќе присуствува претседателот Вучиќ, ќе биде информациониот систем каде што граѓаните лесно ќе може да се пријавуваат да добијат електронска идентификација или единствен број којшто ќе им овозможува не само слободно да патуваат, туку и да работат во државите членки на иницијативата без некоја неопходна работна дозвола, рече српската премиерка Брнабиќ.
Брнабиќ верува дека бенефитите што ги нуди оваа иницијатива ќе бидат причина и останатите држави да се приклучат кон неа.
– Кога ќе видите дека еден камион кој ја пренесува нашата стока било од Србија, Северна Македонија или Албанија, нема никакво чекање на граница затоа што сме ги усогласиле сите инспекции, царина, фитосанитарни прописи, тогаш мислам дека и граѓаните и стопанството од останатите земји на Западен Балкан ќе извршат притисок на своите политичари да се приклучат на иницијативата, рече Брнабиќ.