Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, во изјава за медиумите соопшти дека е договорено рекордно зголемување на пензиите во историјата на Северна Македонија.
Според новата методологија која е усвоена според швајцарскиот модел, усогласувањето на пензиите ќе се врзе за порастот на трошоците за живот со 50%, и за просечна плата, исто така во висина од 50%.
Со новата методологија, пензионерите со просечна пензија која во моментот е 16.300 денари, од септември натаму секој месец ќе имаат просечно 900 денари плус на својата сметка и тоа е рекордно зголемување на пензиите во историјата на Северна Македонија.
Во изјавата за медиумите Ковачевски додаде дека 2022 година за 12 месеци, заедно со директната финансиска помош, во просек пензионерите ќе имаат вкупно годишно околу 12.000 денари плус во буџетот во однос на 2021 година.
Усогласувањето на пензиите, објасни Ковачевски, ќе се врши два пати во годината, односно тогаш кога Заводот за статистика ги дава официјалните податоци.
Премиерот Ковачевски соопшти дека освен новата методологија, се постигна договор и за пакет интервентна финансиска помош за пензионерите од по 1000 денари во месеците април, мај и јуни.
„Овие дополнителни 3000 денари за овие три месеци, се исклучително добредојдени во овој период на продлабочена криза енергетска криза“, нагласи Ковачевски.
Ова е постигнато на состанокот на кој учествуваа и заменик претседателот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, со сите засегнати страни, вклучувајќи го и Сојузот на пензионерите и Партијата на пензионерите и претставува остварување на ветувањето на премиерот Ковачевски во неговото експозе за избор на актуелната Влада.
Како дополнување на оваа одлука, министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека и финансиската поддршка, како и зголемувањето на пензиите според новата методологијата, ќе бидат исплатени од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Со тоа, додаде Бесими, се потврдува дека пензискиот фонд е стабилен и дека ова е резултат на добрите економски политики на Владата и успешното менаџирање на Фондот и креираните резерви, како и на зголемената наплата и приходи од придонеси во 2021 година, од страна на УЈП како и на очекуваниот пораст на вработеноста и дополнителни приходи од придонеси.
Сето ова Владата го остварува без да ги зголеми стапките за пензиски придонеси, што значи дека нема да има дополнително оптоварување на бизнисот, рече министерот за финансии Бесими.