„Со Бугарија се водат шверцерски преговори“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на што вечерва премиерот му возврати дека еден универзитетски професор треба да има речник на повисоко ниво.
„Сите разговори кои се водат во Бугарија најтранспарентно се споделуваат со јавноста. Тоа МНР Османи го направи јавно во Собранието, а исто така и сите работни групи по завршувањето веднаш информираат на заеднички прес конференции“, изјави Димитар Ковачевски – премиер.
Ковачевски додаде дека за политичките прашања се водат преговори на ниво на двете министерства за надворешни работи.
„Тие преговори од наша страна се водат во духот на европските вредности при што за идентитеските прашања за македонскиот народ не се разговара. Ние сме македонски народ кој зборува македонски јазик и Република Бугарија ја има признаено нашата држава и тоа како прва“, додаде Ковачевски.
За другите прашања Ковачевски додаде дека кога ќе се дојде до договор ќе биде информирана јавноста.