Со меѓусебно разбирање и грижа едни за другида покажеме духовна зрелост и да дадеме заедничка поддршка на мирот и развојот како заедничко добро, порача премиерот Димитар Ковачевски денеска од Охрид при честитањето на големиот христијански празник, Богојавление – Водици.

Тој заедно со министрите за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за правда Никола Тупанчевски и за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, присуствуваа на литургијата во црквата Успение на Пресвета Богородица, а потоа и на Градското пристаниште во Охрид.

– По церемонијата на осветувањето на водите на Охридското Езеро и положувањето на светиот крст, премиерот Ковачевски поразговара со присутните граѓани и рече дека е убаво на ваков голем празник да се биде во нашиот древен Охрид, посакаувајки им на нив и на сите граѓани во државата добро здравје, радост, спокој, лична и семејна благосостојба. А, му честиташе и на граѓанинот кој го фати крстот, со верба дека ќе му донесе среќа, соопшти владината прес-служба.

Претходно, како што е наведено, во разговор со владиците и со присутните граѓани, премиерот Ковачевски рекол дека симболиката на влегувањето во водите, како потсетување на Исусовото крштевање во реката Јордан е значајна и поради безвременската порака на којашто упатува празникот, дека во природата на луѓето е шансата да се биде подобра личност.

– А денешниот ден упатува токму на обновата како важен дел во духовниот развој на луѓето и за доброто на општеството, стои во информацијата.