Регионалната соработка е единствениот начин да се преброди која било криза и да се изгради енергетска независност. Ова е можност да се искористат ресурсите од зелената енергија со кои располагаме на Балканот и да го развиеме регионот во нова енергетска сила, порача премиерот Димитар Ковачевски на денешната заедничка прес-конференција во Белград со лидерите од Западен Балкан, учесници на Конференција за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од регионот, во организација на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Амбасадата на Норвешка.

– Во изминатите 30 години регионот беше предмет на поделби и несогласувањата, но во изминатите две години стана регион на соработка и на добрососедски односи. Единствен начин да се преброди која било криза и да се изгради енергетска независност, единствено е можно низ регионална соработка со оглед на големината и обемот на инвестиции коишто треба да се прават, а кои поединечно ниту една држава не може сама да ги направи. Престои тешка зима, но со солидарноста и соработката меѓу нас, полесно ќе ја пребродиме оваа криза, рече Ковачевски.

Премиерот посочи дека земјите од регионот го немаат тој луксуз да имаат преголем фискален простор, како на пример Норвешка, па затоа мора да бидат инвентивни и поагилни.

– Затоа му се заблагодарив на претседателот Вучиќ за неговата агилност да го организира овој настан денеска, каде што пред сите оние кои што сакаат и можат да инвестираат и поседуваат знаење, можеме да ги претставиме потенцијалите на регионот, истакна Ковачевски.

Премиерот потсети дека земјава има искуство и со Норвешка, која имаше удел во изградбата на ветерници во паркот во Богданци и во ревитализација што се вршеше на дел од хидроцентралите во земјава.

– Простор за регионална соработка постои, проекти постојат и исто така постојат и начини на финансирање, дел проекти се завршени, а дел се во поодмината фаза на реализација, додаде Ковачевски.

Тој ги повика инвеститорите од Норвешка да инвестираат во Северна Македонија и во земјите од Западен Балкан.

– Северна Македонија успеа да го деблокира патот кон Европа и да влезе во НАТО и да го создаде отворен Балкан со земјите од регионот, што не става во сосема поинаква позиција од она што бевме од пред само пет години, нагласи Ковачевски.

Осврнувајќи се на инвестициите што државата ги прави во делот на енергетиката, Ковачевски посочи дека во изминатите 10 месеци се инсталирани 27 мегавати фотонапонски централи, а во фаза на преговори се неколку договори за странски инвестиции во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни електрани и гасна електрана со инвеститори од Франција, Германија и Грција. Се работи и на изградба на нов интерконектор од Грција до ТЕЦ „Неготино“, а со Бугарија е постигнат договор за изградба уште еден интерконектор од Петрич до Струмица, со што, според Ковачевски, земјава би имала три интерконектори.

Хидроцентралата „Чебрен“ за која досега имаше 13 неуспешни обиди и за која Ковачевски очекува да биде избран понудувач, рече дека ќе биде стратешки проект не само за Северна Македонија, туку и за целиот регион.