Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА дадено по неговата прва посета на Брисел откога стапи на функцијата вели дека сака брзо, но не избразано решение со соседна Бугарија за да се отворат преговорите со Европската Унија.
„Јас велам дека ни треба брзо решение со оглед на тоа дека сме заслужиле отворање на преговорите со ЕУ, но секако не ни треба избрзано решение бидејќи решението коешто ќе се постигне треба да претставува основа за иднината пред нас како за добрососедските односи, така и за водење на преговорите и полноправно членство во ЕУ“, вели Ковачевски.
По средбите во Брисел со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, претседателката на Европскиот Парламент, Роберта Мецола, претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, македонскиот премиер вели дека добил многу позитивни сигнали и посветеност на институциите да се отпочне со преговори со ЕУ за Република Северна Македонија.
Ковачевски ја повторува новата динамика во односите со Бугарија која ја воспоставија тој и бугарскиот премиер Кирил Петков по двете средби кои ги имаа минатиот месец додавајќи дека имале искрен разговор и дека се согласиле дека во подолг период во минатото дискусијата помеѓу двете држави била водена од пропагандисти коишто „креираа атмосфера на недоверба помеѓу двете општества“. Премиерот го споменува и формирањето на четири други работни групи посветени на економијата и културата кои ќе работат покрај заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања која постои речиси четири години.