Премиерот Димитар Ковачевски денеска имаше средба со амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер, која, како што информира владина прес-служба, ја пренела цврстата одлучност на САД да продолжат и понатаму да ја поддржуваат Северна Македонија, високо ценејќи ги досегашните одлуки кои Владата ги презеде во насока на обезбедување просперитетна иднина во рамки на ЕУ и НАТО.

Средбата е дел од редовниот дијалог со американската амбасадорка по однос на заеднички теми од дневен ред во односите меѓу двете земји и доаѓа по посетата на премиерот Ковачевски на Соединетите Американски Држави, минатата недела.

-Премиерот Ковачевски се заблагодари за недвосмислената поддршка за нашата земја добиена од американскиот државен секретар Ентони Блинкен на средбата која се одржа на 9 Мај во Вашингтон, а посебно во пресрет на следните чекори во евро-интегративниот процес на земјата. Заемно беше нагласена заложбата за севкупен развој на пријателските, билатерални и економски односи меѓу Северна Македонија и САД, како сојузници во НАТО, но и како две земји кои споделуваат заеднички вредности, наведува во соопштение владината прес-служба.