Одбивањето да се дозволи европратеникот од Бугарија, Андреј Ковачев да ја посети Северна Македонија на 6 мај, секако ќе влијае на преговорите за членство во Европската унија.

Ова го истакна Ковачев гостувајќи на бугарската БТВ.

Според него, Македонија ја поминала црвената линија, односно пратеник во Европскиот парламент не треба да не биде примен во земја која е кандидат за членка на унијата.

„Тоа доведе до многу сериозни реакции“, рече тој.

Тој вели дека прво мора да се слушне објаснувањето на Скопје, а официјално пред да се зборува за ново вето не само од Бугарија, туку и од ЕУ.

„Иронично, неколку дена пред да заминам, имав разговор со министерот за надворешни работи на Северна Македонија во Брисел, многу пријателски разговор. Сакав да присуствувам на настан за нашата заедничка историја во близина на Ново Село, бугарските воени гробишта“, рече тој.

Ковачев нагласи дека на границата нема објаснување и ги оквалификува како смешни последователните аргументи на Скопје дека ќе и наштетат на националната безбедност на соседите.

„Тие мора да се извинат“, категоричен е тој.

Според него, власта и опозицијата во Скопје биле заклучени во битка за тоа кој ќе го заштити македонскиот идентитет и јазик од лошите Бугари.

Ковачев посочи дека нема напредок по прашањето за вклучување на Бугарите во уставот на РСМ.

„Сите се надеваат дека до крајот на годината тоа може да се случи, но овие преседани што ги создаваат на европско ниво водат во друга насока – дека не сакаат евроинтеграции. Дека сакаат да останат на оската Скопје-Белград-Москва“, рече тој.