3.504 лица од вкупно 1.836.713 граѓани кои живеат во земјава се изјасниле за Бугари, покажуваат податоците од пописот објавени денеска. Тоа претставува 0.19 отсто од вкупното резидентно население.
Денес објавените бројки, смета бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, го потврдуваат наративот дека граѓаните со бугарска самосвест во Македонија не смеат да се изјаснат како Бугари. Во својата реакција на Фејсбук, тој побара веднаш да се објават, со име и презиме, Македонците кои имаат бугарско државјанство.
„Сите веќе ги знаат ‘официјалните’ резултати од пребројувањето во РСМ. 3504 се осмелиле да се запишат како Бугари!“, пишува Ковачев.
„Многупати настојував за промена на Законот за бугарско државјанство! Добивањето на бугарско државјанство на база на потекло, не може да биде таен чин. Сите што добиле бугарско државјанство по потекло треба да бидат објавени. Така како што ги објавуваат во САД, Канада, Германија или Франција!
Да добиеш бугарско државјанство доброволно, откако си го докажал своето бугарско потекло и си потпишал декларација дека се чувствуваш како Бугарин, не е нешто тајно или срамно.
Неопходна е и церемонија или барем фотографија пред грбот и знамето. До кога ќе чека Народното собрание!!!“, пишува Ковачев.