Европратеникот од ЕНП, Андреј Ковачев, побара итно усвојување на измените во Законот за бугарско државјанство за време на средба со група бугарски новинари во Брисел, јавува БНР, пренесува Трибуна.

Ковачев изјави дека актуелниот закон е нелогичен и не придонесува за јасно легитимирање на бугарската заедница во Република Северна Македонија. Според него, потребни се брзи законски измени за да се обезбеди транспарентност и официјално признавање на лицата кои доброволно се изјасниле како етнички Бугари.

Предложените измени предвидуваат дел од личните податоци на лицата кои добиле бугарско државјанство да станат јавно достапни, со што би се потврдило дека тие самостојно се определиле како Бугари. Ковачев посочи дека тоа ќе ја покаже и вистинската бројност на бугарската заедница во Северна Македонија.

Како дел од реформите, предвидено е воспоставување јавен регистар при бугарското Министерство за правда, кој би содржел ограничен сет податоци – име и место на потекло на лицата кои поднеле барање и добиле државјанство. Според Ковачев, досега над 170 до 180 илјади граѓани од Северна Македонија добиле бугарски документи, а дополнителни 15 до 20 илјади барања се во постапка.

Тој нагласи дека секое лице доброволно приложува докази за бугарско потекло – како семејни документи, историски записи или припадност на бугарски институции – и потпишува декларација дека се чувствува етнички Бугарин, врз основа на што се стекнува со државјанство. Ковачев ги повика пратениците во бугарскиот парламент и министерот за правда да ја поддржат итната измена на законската регулатива.