Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, оствари средба со Амбасадорот на Кралството Шпанија во Скопје, Н.Е Рафаело Сориано Ортиз.

На средбата Костадиновски го информираше амбасадорот за клучните предизвици со кои се соочува Уставниот суд во извршувањето на своите надлежности.

Претседателот Костадиновски нагласи дека Уставниот суд, во околности на историски најниска доверба на граѓаните во севкупниот државен систем, како орган на Републиката, без оглед на какви било обиди за политизација и етнизација во постапувањето на Судот, ќе остане доследен и бескомпромисен во императивната заложба да го чува Уставот, да ја штити уставноста и законитоста, слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Заемна констатација на двајцата соговорници беше дека реалната посветеност за заштитата на владеењето на правото и правната држава треба да биде врвен приоритет на сите фактори во нашето општество како единствен начин за враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот.

Една од можностите за унапредување на соработката помеѓу уставните судови на двете држави е преку организирање на билатерални посети помеѓу двата уставни судови, беше констатирано на средбата.

Во тој контекст, претседателот Костадиновски, го информираше амбасадорот за неговото планираното учество во 6. Конгрес на Светската конференција на уставна правда, кој ќе се одржи во месец октомври оваа година во Мадрид, каде што е планирана средба со претседателот на Уставниот суд на Шпанија, Кандидо Конде-Пумпидо на која постои можност за договарање на динамиката на билатерални средби за размена на добрите пракси и искуства.