Пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска, која јавноста ја запамети по тоа што прва во скафандер гласаше во Собранието додека беше ковид-позитивна, како и Нина Фити, која е членка на Извршниот одбор на СДСМ, заедно со градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов и актуелниот потпретседател и вицепремиер Фатмир Битиќи, неофицијално ќе бидат новите потпретседатели на партијата, објави ТВ24 повикувајќи се на високи партиски извори.

Се очекува новиот лидер Димитар Ковачевски во понеделник да ги презентира предлозите за негови нови потпретседатели пред Централниот одбор.

Според ТВ24, доколку прифати, Нина Фити би можела да биде нова министерка за труд и социјална политика, додека за Стојчевска е неизвесно дали е во планот на Ковачевски за владиниот кабинет. Извесно е дека на Илинденска број 2 од раководството остануваат Битиќи и Бојан Маричиќ, но тој од Правда ротира во вицепремиер за евроинтеграции.