Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска престојуваше во работна посета на НУ Центар за култура во Дебар каде што в.д. директорката Едона Алили ја запозна со состојбите и активностите на оваа единствена национална институција од областа на културата во градот.

Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека вреднувањето и моќта на културата, како срце на секоја заедница, во Дебар се должи токму на активното и успешно работење на Центарот за култура.

– Во рамки на годишната програма  Министерството за култура  континуирано поддржува проекти што се од интерес за граѓаните на Дебар, како: изложби, концерти, театарски претстави. Во контекст на заштитата на културното наследство, пак, во изминатиот период беше реализиран и проектот за конзерваторско-реставраторски интервенции на покривот и фасадите на тамбурот од куполата на црквата „Св. Георгиј Победоносец“ во село Рајчица, рече министерката.

Вршителката на должноста директорка Алили ја информираше министерката дека Центарот за култура е установа со мултифункционален карактер, која реализира активности од сите дејности од областа на културата.

– Во институцијата посебно внимание се посветува на обезбедувањето услови за работа на уметниците при создавањето на нивните дела, за поттикнување на културното творештво, за чување, негување, афирмација и презентација на богатото културно наследство, нагласи Алили.

За време на посетата, министерката Костадиновска-Стојчевска ги разгледа изложените ликовни дела од млади автори, како и изложбата на фотографии „Дебар во окото на младите“, ја посети библиотеката која е во состав на установата, а ги поздрави и членовите на Младинскиот дебатен клуб, кои во амфитеатарот дебатираа на еколошки теми.

-Просперитетната иднина на едно општество зависи, пред сѐ, од добро едуцирана младина,  која води отворена дискусија за сите теми што ги засегаат младите и што се од заеднички интерес, им порача министерката на учесниците – средношколци.

Костадиновска-Стојчевска во Дебар го посети Градскиот музеј во кој може да се видат артефакти и експонати кои говорат за историјата и традицијата на населението од овој крај.

Престојуваше и во една од најпознатите куќи во градот – Куќата на семејството Еребара, стара над 400 години, која ја купиле пред повеќе од пет децении од семејството Топаловски.

Куќата е изработена од дрво од страна на дебарските мајстори, а розетата на таванот на оваа куќа се наоѓа на македонската банкнота од 100 денари.