Коносителката на изборната листа на СДСМ, за петтата единица, Бисера Костадиновска- Стојчевска, на гостувањето на емисијата „Само вистина“ на телевизија Канал 5, кажа дека изборите не се завршени и дека граѓаните испратиле порака во првиот изборен круг, но дека СДСМ како сериозна партија ја сфатил пораката.

„Изборите се уште не се завршени нас, имаме втор круг од претседателските избори и имаме парламентарните избори на 8 мај, што значи дека ништо не е завршено. Секоја порака која што ја праќаат граѓаните сериозно ја примаме, сериозно ја сфаќаме и ја земаме во предвид затоа што ние секогаш сме биле партија на страна на граѓаните. Во ниту еден момент не го изгубивме тлото и не работиме за тесни интереси, напротив, и претходната изборна програма, и новата програма за следниот мандат во центарот ги става граѓаните“- изјави Костадиновска- Стојчевска.

Таа ја потврди поддршката за претседателот Стево Пендаровски, како политичар кој ги дели социјалдемократските вредности и државните интереси. Очекува двојна победа затоа што граѓаните на 8 мај имаат голема шанса да изберат европска и просперитетна држава.

„Имаме реформулирање на пораките што ги праќаме до граѓаните, но главно остануваат големите резултати што ги постигнавме во изминатиот мандат и она што заедно ќе го направиме во иднина. Она што го сфативме е дека секогаш кога работиме за доброто на државата, кога како приоритет ги имаме државните интереси и стратешките определби, тогаш носиме долгорочни одлуки и нормално е дека не може сите да бидат задоволни. Важно е дека најголем дел од тие одлуки за покажаа како исправни за напредокот на државата“- образложи Костадиновска – Стојчевска, во емисијата “Само вистина“.