Делегација од Општина Струмица предводена од градоначалникот Костадин Костадинов, на покана на бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, престојува во работна посета на Европскиот парламент, каде што ќе има  повеќе средби со претставници на Република Бугарија и Република Северна Македонија, соопштија од Општината.

Локалната самоуправа ја пренесе изјавата на Костадинов од Брисел.

– Градењето на силни и трајни односи меѓу народите значи можност за напредок, размена на искуства, поддршка и промоција на локалниот економски развој и градење на заедници во кои почитта, мирот и стабилноста имаат приоритет. Токму ова е приоритет и за нас, како општина со карактеристична географска положба. Во оваа насока, во духот на пријателството и добрососедството, а сѐ во интерес на жителите на Општина Струмица, продолжуваме да работиме на продлабочување на односите со соседна Бугарија, стои во изјавата на струмичкиот градоначалник.

Во информацијата се додава дека преку реализацијата на посети и средби од ваков тип, Општина Струмица продолжува да работи во насока на развој на односите со меѓународната заедница и идентификација на потенцијалите за соработка за прашања од заеднички интерес од различни сфери.