Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово потврди дека на шефот на Канцеларијата за Косово при Владата на Србија, Петар Петковиќ му e одбиено барањето да го посети Косово по повод православниот Велигден.

Косовското МНР во изјава за Радио Слободна Европа не ги наведува причините за одбивањето на барањето, но ја потврди денешната информација од официјален Белград дека Петковиќ побарал да го посети Косово викендов по повод верскиот празник.

РСЕ потсетува дека и Србија во јануари годинава го одби барањето за посета на министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља. Тој планираше да ги посети општините Прешево, Медвеѓа и Бујаноц во јужна Србија, кои се населени со мнозинско албанско население.

Прашањето за официјални посети меѓу Косово и Србија е регулирано со договор постигнат во рамките на дијалогот за нормализација на односите со посредство на Европската унија. Овие посети мора да бидат најавени преку офицерите за врска на Косово и Србија, по што властите на соодветните земји треба истите да ги одобрат.