Косовските власти немаат одговор на барањето на дел од осудените од Кумановската група за трансфер на Косово. Една недела по барањето на Анди Красниќи познат како командант Малишева, Дем Шеху и Лирим Красниќи, косовското МНР нема информации дали е прифатено барањето за трансфер, дали се подготвени да ги прифатат обвинението и пресудата и дали почнале или не постапка за трансфер на косовските државјани, осудени на доживотен затвор поради вооружената пресметка од 9 и 10 мај 2015 година во кумановската Дива Населба.
До овие моменти одговор нема ни од Министерството за правда во Скопје. Од овој ресор не соопштуваат дали е започната процедурата за трансфер и каква е подготвеноста на косовските власти да го спроведат билатералниот договор за трансфер на осудени лица потпишан меѓу двете Влади во 2012 година.
Неофицијално се дознава дека и други осуденици ќе побараат трансфер, но сè уште не се знае дали формално биле контактирани од адвокати или канцеларии за правно застапување.