Здружението на новинари на Косово (АНК) до Уставниот суд достави коментари за Законот за независна комисија за медиуми со барање актот да се укине, односно да се прогласи за неуставен, пренесе Бета.

Тие во своите коментари оценија дека процедурата за донесување закони и членовите од законот што го регулираат составот и функционирањето на Независната комисија за медиуми, дефиницијата за онлајн медиуми и Советот за жалби се „спротивни на Уставот на Косово“ и дека ја нарушуваат независноста на комисијата, правото на слобода на медиумите и принципот на родова еднаквост.

„Судскиот случај е историски бидејќи Уставниот суд првпат се занимава со случај поврзан со слободата на медиумите, а пресудата ќе создаде преседани по кои судот ќе се води со децении. Се надеваме дека нашите аргументи ќе го убедат Судот да го прогласи законот за неуставен“.

Барањето за оцена на уставноста на тој закон беше поднесено во средината на јули од Демократската партија на Косово (ДПК), а донесувањето на тој акт беше критикувано од граѓанското општество во Косово, Советот на Европа, Европската унија и ОБСЕ.