Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово ги сертификува денеска резултатите од вонредните прламентарни избори одржани на 14 февруари, според кои партијата Движење Самоопределување (ВВ) освои нешто повеќе од половината, односно 50,28 отсто од гласовите, јави дописникот на МИА од Приштина.
Како што објави денеска претседателката на ЦИК, Ваљдете Дака, по завршувањето на сите процедури на броење, пребројување, поплаки и претставки, резултира дека второрангирана е Демократската партија на Косово (ПДК) со 17 отсто, а следат досега владејачките Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) со 12,73 и Алијансата за иднината на Косово (ААК) со 7,12 отсто од гласовите.
Според овие резултати, ВВ на Албин Курти, на која ѝ се приклучи и листата на вршителката на должност претседател на Косово, Вјоса Османи, во идното 120-члено Собрание на Косово ќе има 58 пратеници, ПДК 19, ЛДК 15 и ААК осум пратеници. Десетте пратенички места кои, според косовскиот Устав, се гарантирани за претставниците на српската заедница во Косово ги освои партијата Српска листа (СЛ), со вкупно 5,09 отсто од гласовите, а уште десет места им припаѓаат на претставниците на шесте други помали етнички заедници – Турците, Бошњаците, Ромите, Ашкалиите, Египќаните и Горанците.
ЦИК информира дека гласале вкупно 877.503 гласачи, односно 48,87 отсто од регистрираните околу 1,8 милиони лица со право на глас. Како неважечи се евидентирани нешто над 27 илјади гласови.
Дака изјави дека ЦИК, и покрај бројните предизвици со кои се соочи, успеала да ги исполни своите уставни и законски обврски за организирање на овие избори и воедно ги повика пратениците во идниот законодавен дом „да го отворат патот за изборни реформи“.
– ЦИК е подготвена да го даде својот професионален придонес за овие реформи, рече Дака. (МИА)