Иако македонските власти дале гаранции дека на Африм Исмаиловиќ, осуден на доживотен затвор во процесот „Монструм” за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, ќе му се суди во присуство, Косово сѐ уште не одговорило позитивно на барањето за екстрадиција на осуденикот.
Портпаролот на Министерството за правда Александар Видиновски за МИА изјави дека косовската страна побарала гаранции дека доколку Исмаиловиќ биде екстрадиран во земјава, ќе има повторено судење.
– Тие гаранции Судот ги даде, и преку Министерството за правда уште пред десетина дена се веќе испратени. Се уште нема одговор од косовска страна, потврди Видиновски за МИА.
Тој нагласи и дека до косовските власти е испратена информација дека буквално се што им треба како гаранција, доказ, превод на пресуда, ќе им се излезе во пресрет со цел Исмаиловиќ да биде вратен во земјава.
– Министерството за правда ќе преземе се што треба и ќе инсистира лицето Африм Исмаиловиќ да биде екстрадиран во Северна Македонија, додаде Видиновски за МИА.
Законот во Северна Македонија овозможува секој што е осуден во отсуство, да има право да бара повторено судење.
На 1-ви овој месец, по сообраќајна несреќа во Косово, Африм Исмаиловиќ беше однесен во полициска станица и е утврдено дека тој се бара со потерница. Тогаш косовската полиција го известува нашето МВР и наведуваат дека лицето е идентификувано и е утврдено дека за него има барање за екстрадиција.