Србија престана да издава документи за влез/излез за граѓаните на Косово. Со таков документ, кој е опишан како замена за личната карта, Косовците веќе 11 години се опремени да влезат на територијата на Србија. Ниту Косово нема да издава такви документи на граѓаните на Србија. Во меѓувреме, во Јариње и Мердаре, граѓаните од двете страни без проблем ја минуваат границата со лични документи. Договорот за отстранување на овој документ беше постигнат минатиот викенд.

Косово од денеска почна да ја спроведува одлуката за пререгистрација на автомобилите со регистарски таблички издадени од Србија. Косовскиот премиер Албин Курти, ги повика српските граѓани во Косово да ги пререгистрираат своите автомобили со регистерски таблички на Република Косово. Српските граѓани на северот на Косово кои имаат автомобили со регистарски таблички издадени од Србија – како ПР, КМ, ПЗ, ГЛ и слично – ќе можат да ги заменат во 34 општински центри за регистрација на возила.

„Регистерските таблички издадени од Србија ПР, КМ, ПЗ, ГЛ, УР, РЕ и ЃА се наследство на Милошевиќ. Ова наследство е товар што не треба да го носите. Освен тоа, тие имаат за цел да ве држат во минатото и изолирани. Преминувањето во регистарски таблички РКС го елиминира овој товар и ви овозможува слободно, непречено и без предрасуди движење низ територијата на Република Косово“, рече Курти.

Курти рече дека пререгистрацијата ќе им овозможи на српските граѓани да ги возат своите автомобили низ територијата на Косово. Во општините на северот на Косово, населени со мнозинство Срби, Звечане, Лепосавиќ, Зубин Поток и Северна Митровица, се проценува дека има 10.000 автомобили со српски регистарски таблички. Додека Србија побара Србите на северниот дел да користат таблички КС – кои имаат неутрален статус за косовското државјанство – Косово се спротивстави на таквата идеја. Но, за да може еден граѓанин да регистрира автомобил на Косово, треба да има косовски документи, поточно лична карта. Повеќето Срби во Косово имаат двојно државјанство и го користат државјанството на Србија. Меѓутоа, Косово и Србија меѓусебно не ги признаваат документите и како резултат на тоа, недостатокот на косовски документи може да претставува проблем за процесот на пререгистрација на автомобилот.

Алсат