Косово и Србија постигнаа договор за таблиците. Договорот, кој содржи три точки, предвидува дека специјалните полициски единици стационирани на заедничките гранични премини во Јариње и Брњак, ќе заминат заедно со барикадите, почнувајќи од 2 октомври. Мисијата на НАТО во Косово, КФОР, ќе биде ангажирана на овие две точки во Јариње и Брњак, пред да започне повлекувањето на полицајците и барикадите, и ќе остане таму две недели за да ја гарантира безбедноста.
Од 4 октомври, ќе почне да се применува привременото лепење на налепници, наместо да се отстранат регистарските таблички на автомобилите регистрирани во Косово и Србија, додека не се најде трајно решение. На 21 октомври, екипа службеници од Европската унија, Приштина и Белград ќе започнат со работа за да најдат трајно решение. Во рок од шест месеци од почетокот на првиот состанок, таканаречената Работна група, ќе ги презентира наодите за трајно решение во формат на дијалог на високо ниво.
Премиерот на Косово, Албин Курти, рече дека сега започнува ера кога Србија почнува да се навикнува на реципроцитет.
„Воспоставен е реципроцитет на регистарските таблички на возилата. Бидејќи на регистарските таблички на Република Косово во Србија ќе им биде покриен државниот симбол, и на сите регистарски таблички на Србија исто така, ќе биде покриен нивниот симбол на територијата на нашата држава. Минатата недела, претседателот на Србија постави четири услови за средба на нашите претставници во Брисел. Се разбира дека не се исполнија, а вчера се одржаа преговори во Брисел. Сега започнува ерата кога Србија почнува да се учи на реципроцитет“, рече Курти.
Од друга страна, српскиот претседател Александар Вучиќ го нарече постигнатиот договор победа за Србите. Тој рече дека е добро што Специјалната единица на Косово, или на Албанците како што ги нарече, ќе се повлечат и додаде дека таквата акција во иднина ќе се соочи со уште посилен отпор на српското население.
САД и ЕУ го поздравија договорот постигнат меѓу Косово и Србија за де-ескалација на ситуацијата на северот на Косово. ВД Амбасадорот на САД во Приштина, рече дека постигнувањето на овој договор докажува дека повторното вклучување во дијалог носи придобивки за граѓаните на Косово и Србија.
„Добри вести од Брисел – пример за тоа како повторното вклучување во дијалог може да има реални и трајни придобивки за Косоварите и Србите. Ви благодарам г.Лајчак за посредувањето, како и на партнерите во Косово и Србија за нивната волја и подготвеност да преговараат“, напиша на Твитер Никола J.Гијакобе, ВД Амбасадор на САД во Приштина.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен ја поздрави веста за постигнување договор за регистарските таблички во Брисел, меѓу Косово и Србија.
„Ова е многу позитивен развој по моите средби со претседателот Вучиќ и премиерот Курти. Ова е добро за целиот регион. Сега дијалогот мора да продолжи“, напиша Дер Лејен.
Во меѓувреме, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеф Борел рече дека по овој договор, Косово и Србија треба да се вратат на дијалог за нормализирање на односите.
„Косово и Србија сега мора конструктивно да се вклучат во дијалог за да постигнат брз напредок во нормализирањето на односите“, рече Борел.
На 20 септември, Владата на Косово одлучи возачите од Србија, кога ќе влезат во Косово, да ги сменат или да ги покријат регистарските таблички и да добијат привремена регис.таблица на Косово. Со оваа одлука, Владата на Косово соопшти дека ја поставила мерката за реципроцитет за српските регистарски таблички, бидејќи слична мерка вовела Србија за автомобилите од Косово пред повеќе од десет години. Прашањето на регистарските таблички е регулирано со Бриселскиот договор за слободно движење, во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија, кој предвидува сите сопственици на возила што живеат во Косово, да користат регистарски таблички „КС“ (Косово) или „РКС“ “(Република Косово) и со тоа да се отстранат од употреба регистарските таблички издадени на косовските Срби, од Министерството за внатрешни работи на Србија.