Владата на Косово донесе одлука за олеснување на мерките за спречување на ширењето на епидемијата на Ковид-19 во однос на рестрикциите на движењето на граѓаните и работното време на угостителските објекти и другите економски оператори, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според одлуката објавена денеска на веб страницата на Владата, на предлог на Министерството за здравство, општините и натаму ќе бидат поделени во три категории, според степенот на ризик од ширење на заразата.

Во општините со мал ризик, односно со помалку од 75 заболени неделно на 100 илјади жители, како и во оние со среден риик (76 до 150 заболени на 100 илјади жители), угостителските објекти ќе работат до 22 часот, а потоа ќе можат да ја вршат услугата „тејк авеј“. Во овие општини нема ограничувања на движењето на граѓаните.

Во главниот град Приштина и во другите оштините со висок ризик, односно со над 150 заболени на 100 илјади жители, времето на слободно движење на граѓаните се продолжува за еден и пол час, односно одсега забраната за движење ќе трае од 21.30 до 5 часот наутро. Угостителските објекти во овие општини наместо до 20 ќе можат да работат до 21 часот, по што ќе можат да вршат достава на нарачки.

На лицата над 65-годишна возраст им е дозволено да излегуваат од 6 до 10 и од 16 до 19 часот.

Обврската за приложување РТ-ПЦР тест при влез во Косово останува како и досега, односно важи за граѓаните кои доаѓаат од земјите со висок ризик, а не и за оние од Северна Македонија и другите соседни држави.

Меѓу одлуките донесени на синоќешната онлајн седница на Владата е и забраната на собири на повеќе од 50 лица.