На вистинскиот пат сте. Сега е време да ги донесете уставните измени и да ја отворите вратата на вашето членство во ЕУ. Европската Унија е свесна за важноста на Западниот Балкан и за неопходноста да се продолжат евроинтеграциите, рече денеска на прес-конференција во Скопје, заменик министерот за надворешни работи на Чешка, Мартин Кошатка.

Тој посочи дека вратите на ЕУ ќе бидат отворени доколку нашата држава ја отстрани блокадата со уставните измени во Собранието. Кошатка додаде дека за процесот на евроинтеграциите разговарале и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната средба, при што тој посочил дека целта е да почнат преговорите за влез во ЕУ на Северна Македонија и Албанија и дека Чешка би сакала двете држави да бидат заедно во целиот процес.

Кошатка потсети на неодамнешната посета на евроамбасадорот Дејвид Гир на Брисел, каде тој разговарал со земјите членки за резултатите на Северна Македонија во поглед на реформите, како и за резултатите од скрининг процесот.

– Евроамбасадорот Дејвид Гир неодамна беше во Брисел и разговараше со земјите членки. Како што слушнав, неговите ставови се позитивни. Вие сте на вистински пат. Доколку успеете да ги донесете уставните измени, ќе ги отворите вратата на вашето членство во ЕУ. ЕУ е свесна за важноста на Западен Балкан, како и за неопходноста да се продолжат интеграциите, рече Кошатка на прес-конференцијата.

Тој додаде дека со Маричиќ разговарале и за ситуацијата во регионот, при што двајцата се согласиле дека состојбата во ЕУ е сменета со руската ингресија врз Украина.

Заменик директорката за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Чешка, Јана Тајрер е исто така на ставот дека уставните измени се условот за понатамошниот прогрес на нашата држава.

Доколку овој услов не се исполни, нема да постои никаков прогрес кон Европската Унија, нагласи таа.

– Ние постојано ја потенцираме важноста да се реши процесот на уставните измени. Сепак, имаме разбирање за тоа колку е комплицирана состојбата и колку се тешки преговорите. Истовремено, потенцираме и на тоа колку е важно Северна Македонија да е дел од ЕУ. Ние имаме искуство со преговорите. Знаеме дека процесот на преговорите е тежок, условите се тешки, но ова е патот кој што вреди да се изоди. Се надеваме дека ќе ја донесете вистинската одлука, рече Тајрер на денешната прес-конференција.

Таа нагласи дека очекува позитивни придвижувања на патот на Северна Македонија кон ЕУ.

– Ја имате нашата поддршка во целиот процес. Вратите се отворени, ќе бидете добредојдени и поддржани на вашиот пат. Не пропуштајте го „прозорецот“ на можноста за влезот во ЕУ. Сега е вистинското време, додаде таа.