Поранешната пратеничка, аналитичарката Никица Корубин го изрази своето видување за последните настани и го оцени Самитот за „Западен Балкан“ и економската иницијатива „Берлински процес“ како исклучително сериозен и значаен собир. Особено, вели таа, е индикативно што настанот се одржува во Велика Британија, држава која веќе не е членка на Европската Унија.

„Велика Британија не само што е на идентична линија со ЕУ, туку и активно и ефективно помага за нивна безбедносна и економска стабилизација и европска интеграција,“ нагласува Корубин за „Локално“.

Таа потсетува дека на самитот биле донесени 49 заклучоци поврзани со евроинтеграциите, безбедноста, економијата и миграциите, а приемот кај кралот Чарлс Трети дополнително го зголемил дипломатското значење на настанот. „Од оваа перспектива треба да се посматра и нашето учество и учеството на премиерот, после извесно време отсуство од меѓународни настани,“ додава таа.

Во однос на прашањето за евентуални мигрантски кампови, Корубин се повикува на ставот на косовскиот премиер Албин Курти:
„Велика Британија секогаш го поддржувала Косово, неговата слобода, државотворност и развој; и затоа и Косово е спремно да помогне во безбедносните прашања, вклучително и миграцијата.“
„Тоа е одговор што треба да го даде зрел политичар и сериозна држава, која нема само да ги користи бенефитите, без да е спремна за обврските и одговорностите,“ истакнува Корубин.

Таа предупредува и на „еклатантното лицемерие“ во домашниот политички дискурс:
„Ако го тргнеме на страна лицемерието и манипулацијата на ВМРО-ДПМНЕ, се соочуваме и со лицемерието на опозицијата и на јавноста. Ставот по сериозни прашања не може целосно да се менува — тогаш тоа не е став, туку опортунизам.“

Клучно прашање, според неа, останува:
„Кога ќе се заврши единствената обврска – уставните измени? И дали и тие биле тема на разговор, како најбитната тема за нашето членство во ЕУ?“

За можниот договор што би вклучувал кредити во замена за мигрантски кампови, Корубин потенцира дека Македонија отсекогаш била на мигрантската рута.
„Тоа е ’цената‘ на нашата геостратешка положба, но и наша предност, не предмет за уцена. Секоја одлука мора да биде во наш интерес – национален, регионален и европски. Така постапува сериозна НАТО членка и идна членка на ЕУ. Се надевам, многу поскоро, отколку што некои сакаат да замислат,“ заклучува Корубин.